По 15 години, обвинетите во случајот „Сопот“ се конечно слободни. Специјалното јавно обвинителство објави дека го повлекува обвинението против обвинетите во Сопот, бидејќи нема докази дека тие го сториле делото за кое беа осудени на затворски казни. По ова, судот донесе решение дека обвинението е повлечено, со што постапката во овој случај е завршена.

Обвинетите денеска изјавија дека се задоволни што успеале да ја докажат својата невиност, иако чекале цели 15 години.

Зенел Лаиќи кој помина 3 години и шест месеци во затвор вели дека уште од првиот ден тврдел дека е невин.

„За жал, по 15 години се кажува дека сме невини. Ние постојано го тврдевме тоа. Никој не ни веруваше дека ние не сме го сториле делото. Благодарение на нашите адвокати, докажавме дека сме невини, како што тврдевме уште од првиот ден“, вели Лаиќи.

Тој е еден од 11-те обвинети жители на кумановското село Сопот,  осудени дека во 2003-та, подметнале мина на локалниот пат Сушево – Сопот . Во експлозијата загинаа двајца полски војници на НАТО и еден македонски државјанин. За делото тероризам беа осудени на 150 години затвор. Шестмина добија затворски казни од 15 години, а еден од 14 години. Останатите четворица беа во бегство. Еден од нив, Самет Лимани  во меѓувреме почина од срцев удар. Најдолго во затвор остана Сулејман Сулејмани – цели 7 години.

Стравични детали како е изнудено признанието од сведокот

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска изјави дека обвинението е повлечено, бидејќи нема докази дека тие го сториле делото.

„По севкупната анализа на доказите изведени на главниот претрес и од бомбите што ги имавме и анализите што ги правевеме во доказите што ги прибравме во предистражната постапка сметавме дека е праведно денеска да го повлечеме обвинението, бидејќи нема докази дека обвинетите го сториле кривичното дело што им се става на товар“, рече Јанева по завршувањето на постапката за предметот Сопот.

Предистражната постапка, специјалните обвинители ја отвориле по преслушувањето на телефонскиот разговор, објавен во „бомбите“ меѓу министерката за внатрешни работи Јанкулоска и директорот на УБК Мијалков, во кој Мијалков вели дека се работи за „наместен случај“.

Истрагата утврдила дека исказот на Рамадан Бајрами кој е клучен за  осомничените да бидат осудени за тероризам, била изнудена со закани од припадниците на УБК.

,,Рамадан Бајрами, на 23.05.2003 година се упатил кон полициската станица во Куманово за да обезбеди извод за своето дете и пред трафика, каде што отишол да купи барање, од непознати лица, за кои подоцна дознал дека биле полициски службеници, бил удрен во задниот дел од главата. Тие му ставиле лисици, му ја кренале јакната преку глава и  откако го ставиле во возило, почнале да го удираат. Го возеле околу 2 часа и го однесле на непозната локација.

Таму бил држен шест дена и бил изложен на физичка и психичка тортура од припадници на УБК. Сведокот изјавил дека целиот период бил со едната рака заврзана за радијатор. Бил физички и психички малтретиран. Удиран со клоци и со летва по целото тело а еден од припадниците на УБК му држел запалена цигара до челото. Не му давале доволно вода и храна, а постојано добивал закани дека ќе го лишат од живот, доколку не постапи како што тие му кажуваат. Целта на тортурата била да се присили да потпише изјава дека тој бил стражар додека од нив посочените лица ја поставувале мината.

Фактот дека своерачна изјава од 25.03.2003 година била изнудена, непосредно го потврдува и еден од припадниците на УБК. Тој наведува дека кога разговарал со сведокот Рамадан, тој не му кажал ништо битно за инцидентот во Сопот.  При извршените претреси во домот на таткото на Рамадан, Хајруш Бајрами, и во домовите на обвинетиот Сулејман Сулејмани и Зенел Клаиќи, не биле пронајдени докази во врска со кривичното дело. Немало ниту оружје, ниту муниција, ниту експлозиви и предмети кои можат да ги поврзат обвинетите со терористичкиот акт.

Во меѓувреме, Рамадан бил присилуван повторно да го смени исказот, па од соизвршител да стане сведок со тоа што ќе изјавел дека за времето на поставување на експлозивната направа тој бил во својот дом и не бил задолжен да чува стража.

СЈО утврдило дека очигледна била намерата, Рамадан Бајрами да добие својство на сведок во постапката, а не на обвинет, затоа што во случај да бил обвинет тој ќе морал да има бранител при неговиот распит, со што би се компромитирала реализацијата на планот. Од доказите произлегува дека е сторено кривичното дело, меѓутоа со ниту еден доказ кривичното дело не може да се поврзе со обвинетите, заклучува СЈО.

Специјалните обвинители веќе имаат одредени информации за евентуалниот сторител.

„Дел од предметот е уште во предистрага. Се работи за меѓународна правна помош со блиска соседна држава на Република Македонија. Се бара начин како да се земе исказ од одредени лица кои можат да придонесат за уврдување на  сторителот за ова кривично дело“ изјави Јанева

Поради застареност на делото во 2013 година, против службените лица од УБК кои извршиле тортура  не може да се поднесе обвинение.

Адвокатите на обвинетите, најавија дека ќе бараат компензација од државата.

„Секако дека ќе бараме отштета од државата, но што може да ги надомести годините затвор на обвинетите. Ќе се обратиме до Министерството за правда согласно Законот за кривична постапка и убедени сме дека ќе понуди спогодбено решение за да не се соочиме повторно со повеќегодишни судски постапки за остварување на ваквото право, рече адвокатот Вулнет Пачоку.

Контроверзите за „Сопот“

Овој судски процес од самиот почеток го следат контроверзи. Тоа го утврди и парламентарната комисија која беше формирана во 2010 година да го истражи случајот.

Комисијата констатираше дека се направени пропусти во истрагата, а една година подоцна во 2011 беше и укината првичната пресуда и предметот беше вратен на повторно одлучување. Од тогаш се одржаа околу 70 рочишта, но епилог немаше. СЈО, и покрај првичното противење на Советот на јавни обвинители, успеа да го преземе предметот во своја надлежност и да одлучува по него.