Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата попладнево и вечерва со предизборни обраќања, ветувања и промоција на програмата и кандидатите за градоначалници пред граѓаните на општините Могила, Новаци, Демир Хисар и Битола за претстојните локални избори.

Храброст е поставување на црвени линии и борба за сопствениот народ и држава, наместо потпишување се што ќе се стави на маса. Тоа што Заев досега го направи за Бугарија, не го направија ниту Љубчо, ниту цар Борис заедно, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Хртистијан Мицкоски на вечерашниот предизборен митинг во Битола.

Кога Заев вели дека носел храбри одлуки, сите го молиме да не биде храбар, затоа што на Бугарија има направено толку добро колку што Љубчо и цар Борис немаат направено заедно. Не е храброст да потпишуваш сè што ќе ти стават на маса, туку да ги штитиш интересите на својот народ и земја. Храброст е државата, без отстапки, да ја внесеш државава во Европската Унија, рече Мицкоски пред битолчани.

Мицкоски потенцираше дека храброст е да се бориш за среќата на својот народ, за оваа држава да не се врти 30 години во затворен круг, но и да не се дозволи омаловажувања на народот.

Храброст е да се бориш за стандард, повеќе пари за народот, добро здравство и образование. Храброст е да не се вртиме во круг цели 30 години. Храброст е да се бориш против криминалците, без оглед каде се, од каде се и со кого се. Храброст е да поставиш мерка за работите што се важни, јасно да ставиш до знаење до каде можат да одат барањата на тие кои сакаат да нè омаловажат, рече Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека потребни се победи како тие кога кога ќе ги срушиме ѕидовите помеѓу нас, кога ќе спасиме 14 човечки животи, кога ќе погрешиме да признаеме и да ја исправиме грешката и да се извиниме.

Тоа е содржано во програмата на секој градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, каде има повеќе од 14.835 проекти, најмалку 2.000 улици, проекти за секого, за реалните потреби на граѓаните кои потекнуваат од нивните потреби, 100 градинки, 150 училишта, 100 паркови, инвестиции во 60 објекти од културата, 90 спортски сали, гасификација и уште многу други проекти, изјави Мицкоски.

Коњановски: Битола ќе ја направам образовен и туристички центар

Пред битолчани се претстави и кандидатот за градоначалник на опозицијата, Тони Коњановски кој најави дека градот треба да биде не само еден од најголемите индустриски, економски, политички, културни и спортски центри, туку и современ образовен центар, почнувајќи од предучилишното, основното, средното до високото образование.

Во овој дел предвидуваме и изградба на ново основно училиште во Битола. Овој проект опфаќа планирање, проектирање и започнување со изградба на основно училиште во Битола, во населбата „Буковски ливади“, која брои над 4.000 жители. Тоа значи вистинска грижа и обезбедување квалитетно образование за најмладите, со современи услови за одвивање на вкупниот воспитно-образовен процес, вели Коњановски.

Тој додаде дека негова заложба е „спорт за сите во општина Битола“, преку изградба и реконструкција на спортски сали, поддршка на локалните спортски клубови и подобрување на училишниот спорт, врвен спорт и спорт за лица со попреченост“.

Ветувајќи изградба на мултифункционален спортски комплекс, Коњановски, рече дека Битола ќе стане велоград – зелен град со изградба на примарни велосипедски патеки и премини низ целиот град, рекреативни велосипедски патеки, како и уредување на пешачките и велосипедските патеки на улиците во комплексот „Касарна“.

Целта е зголемување на учеството на туризмот во локалниот буџет, како и зголемување на бројот на вработени во секторот туризам, со што би се намалила невработеноста и би се зголемил животниот стандард на битолчани. Нашата Битола е стар цивилизациски и културен центар. Битола е крстопат каде се спојувале ориентот и западот, се создавала уникатната мода преку спојувањето на ала турка и ала франга традициите, град каде погледите зајдуваат, град со илјадници приказни – град кој мора да воскресне, кажа Коњановски.

Според него Битола со Пелистер, со своите културно-историски знаменитости, но и со збогатување на понудата мора да прерасне во препознатлива точка на туристичката мапа во државата, на Балканот, во Европа, па и во светот.

ВМРО-ДПМНЕ, во рамки на денешните предизборни активнисти, го посети и општините Демир Хисар каде пред присутните се обрати кандидатот за градоначалник Никола Најдовски, пред насобраните граѓани во Новаци се промовира опозицискиот кандидат за градоначалник, Стевче Стевановски додека пред жителите на Могила се претстави кандидатот за градоначалник Драганчо Саботковски.