Над 4.000 летови беа откажани ширум светот во текот на вчерашниот ден од кои повеќе од пола отпаѓаат на американските компании поради лошите временски услови и зголемувањето на инфекции со Омикрон сојот на ковид-19. Според FlightAware.com, само вчера биле откажани 2.400 полетувања кон и од САД.

Повеќе од 11.200 летови во светот доцнеа или беа одложени. Меѓу компаниите со најмногу откажувања се „Скајвест“ (SkyWest) и „Саутвест“ (SouthWest) со 510, односно 419 откажувања.

Божиќните и новогодишните празници кулминираа со авионски патувања, но брзото ширење на сојот Омикрон принуди многу компании да ги откажат летовите, бидејќи кабинскиот екипаж е во карантин.

Многу пилоти и членови на екипажи се наоѓаат во изолација поради инфекција со коронавирус или контакт со инфицирани лица. Американските власти потврдија најмалку 346.869 нови инфекции во саботата.

„Кабинскиот персонал во САД не сака да работи прекувремено за време на празниците и покрај примамливите финансиски стимулации. Многумина стравуваат од инфекција со ковид-19“, велат компаниите.