Природен чекор е Западниот Балкан да биде дел од Европската Унија (ЕУ) која мора да покаже повеќе ентузијазам за процесот на проширување. Ако Европа сака сериозно да биде сфатена како глобален играч, мора сериозно да размисли за одлуките кои претстојат. Потребно е повторно да се поттикне динамиката на процесот на проширување за да се овозможи исполнување на ветувањата кон регионот во однос на неговата интеграција во ЕУ. За тоа се потребни дејства на терен за да се потврди пораката дека членството на Западен Балкан во ЕУ е споделен стратешки избор.

Ова се главните пораки од учесниците на Самитот на „Економист“ за Западен Балкан што вчера се одржа во Скопје на кој беше изразена надеж дека процесот на проширување на ЕУ е сѐ уште жив и ја повикаа Унијата да ги исполни ветувањата кон Западен Балкан.

Американскиот заменик секретар за европски и евроазиски работи, Габриел Ескобар, во видео разговор со регионалната директорка на „Економист“ за Европа, Џоан Хој, рече дека политиката на САД е тесно усогласена со европските партнери за тоа што треба да се направи во регионот на Западен Балкан.

Со еден збор кажано, тоа е евроинтеграција. Американската политика е насочена кон поддршка на европската политика на насочување на земјите од Западен Балкан кон друштвото на западните демократски земји. Точка. Тоа е нашата политика и сè останато е само тактички пристап како тоа да се направи. Тоа е нашата крајна цел за регионот на Западен Балкан и ако гледате историски и културно на земјите од регионот, тие се Европа и нивните граѓани и економии се тесно поврзани со Европа, истакна Ескобар.

Во меѓувреме, државниот секретар на САД, Ентони Блинкен од Вашингтон ја поздрави продолжената недвосмислена поддршка на ЕУ за европската перспектива на Западен Балкан и заложбата кон процесот на проширување. Тоа го изјави портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс, по средбата на Блинкен со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Жосеп Борел во Вашингтон.

Државниот секретар ја поздрави продолжената недвосмислена поддршка на ЕУ за европската перспектива на Западен Балкан и заложбата кон процесот на проширување. Притоа ја истакна и потребата за продолжување на пристапниот процес со Албанија и со Северна Македонија, нагласи Прајс.

Како што јави „Гласот на Америка“, Прајс наведува дека секретарот Блинкен ја потврдил важноста од партнерството меѓу САД и ЕУ и заложбата на САД да работат заедно со ЕУ да се спротивстават на заедничките предизвици

Поранешниот грчки премиер Јоргос Папандреу, актуелен претседател на Социјалистичката интернационала во видео-обраќање на форумот, рече дека сега перцепцијата на многумина е дека има забавување на процесот.

За прашањето за проширување на ЕУ, мислам дека не треба да се обвинува Западниот Балкан. Други зборуваат за земји како Унгарија и Полска кои имаат тргнато по погрешен пат. Кој е виновен за тоа и дали ЕУ го реформираше процесот на преговарање врз основа на демократскиот развој или не, изјави Папандеру на панелот „Визија за Европската Унија и Западниот Балкан – Проширувањето на ЕУ на Западен Балкан: зошто е тоа критично за иднината на Европа?“ .

Не само Западен Балкан, туку и поширокиот Балкан, посочи Папандреу, и покрај конфликтите во минатото, отсекогаш имал историска визија на заедничка работа и мора да работиме заедно, да направиме демократски реформи и промени за навистина да станеме еден просперитетен регион.

Меѓутоа, не сум сигурен дека тоа наскоро ќе може да стане реалност. Мислам дека ова е огромна историска одговорност на ЕУ. Народите во овој регион навистина сакаат демократски општества, соработка, мир и просперитет. Она што ЕУ може да направи е да гарантира и каже дека постојат изгледи и јасен патоказ и еве како ќе се движиме напред. На тој начин, повторно да се поттикне динамиката, која што е потребна и за која зборуваат многумина од премиерите, изјави Папандреу.

Евроамбасадорот Дејвид Гир, говорејќи на истиот панел, рече дека Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо, овозможи повторно да се потврди пораката дека членството на Западен Балкан во ЕУ е споделен стратешки избор.

Лидерите изразија заедничка визија за проширена ЕУ која што, врз база на европските вредности и принципи, ќе ги вклучи сите земји од Западниот Балкан, со почитување на демократијата, на човековите и социјални права, истакна Гир.

Западниот Балкан, нагласи тој, географски е опкружен со земји-членки на ЕУ и природно е дел од Европа, а тоа нуди големи можности во поглед на поврзаноста, трговијата, транспортот, блискоста до европскиот единствен пазар, дигитализацијата, човековиот капитал итн.

И ЕУ е соочена со слични предизвици и нашите одговори на овие предизвици секогаш ќе бидат несоодветни, доколку не ги земеме во предвид сите земји од регионот. Ова го констатиравме и со пандемијата и со пожарите кои се случија ова лето, додаде Гир.

Ревидирањето на преговарачката рамка, нагласи Гир, е од витална важност за да се обезбеди стабилност во ЕУ и отпорност на самите земји со нивното пристапување.

Ова бара партнерите да бидат одлучни во спроведување на бараните реформи на одржлив начин, а од ЕУ бара тие да продолжат да демонстрираат дека нивниот пристап е базиран врз исполнети перформанси. Многу е важно да отпочнат преговорите за пристапување со Северна Македонија и со Албанија, затоа што и двете земји ги испорачаа реформите и ЕУ е посветена на ова од март 2020 година. Исто така, во интерес на ЕУ е да возврати согласно очекувањата. Мора да работиме на остварување на овие цели, најбрзо што е можно, изјави Гир.

За поранешниот германски вицеканцелар и министер за надворешни работи, Јошка Фишер нема сомнеж дека Западниот Балкан припаѓа и мора да припаѓа во Европа, но ЕУ во моментот, вели, е во една многу сложена ситуација, соочена со низа внатрешни предизвици како, Полска и Унгарија, Брегзит, прашањето на Северна Ирска и сето тоа го блокира процесот на проширување.

Ситуацијата во ЕУ не оди во прилог на проширување, но мора да се размислува геополитички што ќе се случи во едно ривалство, можеби и конфликт меѓу двете суперсили во 21 век, какви што се САД и Кина. Можам да им препорачам на државите во регионот да ги решаваат овие прашања, не само во Брисел, туку и во Париз и во Берлин. Тоа значи да се создаде долгорочен стабилен поредок, мир и просперитет во Западниот Балкан. Тоа е само теоретска фантазија, мислам дека ЕУ е одговорна за нејзиното непосредно соседство. Но Западен Балкан е повеќе од соседство, тој е дел од Евопа и тоа треба да се разгледува како можност за нов почеток на проширување. Колку подобро работите дома, толку полесно може да ги убедите европејците да се продолжи со пристапниот процес, вели Фишер.

Според него, тоа нуди голема можност, заедно со политичарите од регионот, да се работи на процесот на проширување како процес на стабилност.

– Потребен ни е нов почеток на процесот на пропширување и тоа треба да се поврзе со прашањето на стратешка автономија. Тоа ќе ги отвори вратите во менталниот склоп на Европејците. Така што не сум песимист, треба јасно да се каже дека Западен Балкан припаѓа на Европа и точка. Второ треба да работиме навистина напорно и да ги искористиме сите придобивки од пристапниот процес во економска, политичка и општествена смисла. И трето, не е мудро да се отворат вратите за неевропски актери како Кина. Тоа може да даде бенефит на кус рок, но на подолг рок ќе го ослабне процесот на проширување. Во таа игра меѓу Кина и Западот на долг рок тоа може да биде доста опасно за пристапувањето кон ЕУ. Не треба да бидеме песимисти има многу причини за оптимизам, вели Фишер.

Според вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, примена е јасна порака од самитот во Брдо дека ЕУ е посветена на процесот на проширување и на одлуките кои таму беа донесени, што не беше спомнато на последните самити во Загреб и во Софија. Тој се надоврза на Јошка Фишер во однос на прашањето зошто дојде до проширувањето, но и зошто треба да се продолжи со конкретни дејства.

Мирниот политички поредок на регионот е тесно поврзан со европската интеграција. Ако ја изземеме оваа цел, ова ветување, ќе влезат во игра некои алтернативи, а тоа како искуство го видовме во  90-те. Значи обединет Балкан е единствено можен доколку имаме функционален процес на европска интеграција и потцртани и повторени ветувања како оние што беа дадени во Солун во 2003 година. Она што недостасува, освен јасната политичка порака, е дејствување, акција на терен, рече Димитров.

Тој додаде дека според актуелната состојба во регионот, последното поглавје за Србија се отвори во декември во 2019 година, за Црна Гора во јуни во 2020 година, ние и Албанија добивме одлука за почеток на преговорите со ЕУ и сè уште не можеме да ги почнеме, Косово ги испорача барањата во однос на либерализацијата на визниот режим, но и тоа не се случило, а БиХ сè уште е потенцијална земја кандидат.

За враќање на довербата на луѓето дека ова е можно да се случи, потребна е акција. Не е фер да се обвини ЕУ за ова, бидејќи таа е комплексен механизам. Има 27 членки и потребна е само една земја да спречи донесување на некоја одлука по однос на проширувањето. Сметам дека за да се отвори ново поглавје, да се врати моментумот на Балканот, потребно е соседите од Софија да ја преземат својата обврска. Многу зборуваме за заедничка историја, но имаме и заеднички регион и ние треба да имаме заедничка, европска, иднина. Значи време е да се покаже лидерство, но и одговорност, вели Димитров.

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска на Самитот посочи дека ако Европа сака сериозно да биде сфатена како глобален играч, мора сериозно да размисли за одлуките кои претстојат. Балканот секогаш беше лакмусов тест за желбата, посветеноста, силата и амбицијата на Европа. Сега е време повторно да се покаже овој европски порив и амбиција, нагласи

Споменувајќи го недостатокот на ентузијазам во ЕУ за процесот на проширување, Шекеринска рече дека Северна Македонија во меѓувреме работеше напорно и испорача повеќе од потребното.

Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство со Бугарија, политиките како што се транспарентност, слобода на медиумите – сите овие важни прашања беа реализирани затоа што ние сериозно ја сфативме нашата задача и испорачавме. Нашето членство во НАТО што се случи во минатата година, ни даде простор да дишеме послободно, но за Северна Македонија секогаш имавме двојна цел – тоа се членството во НАТО и во Европската Унија, рече Шекеринска.

На отворањето на Самотот, премиерот Зоран Заев рече дека од голема важност е заедно да ги дискутираме прашањата за идните чекори кои ќе нè водат до повисок раст на економиите, за реформите и нивно спроведување, за конкурентноста, за социјалната кохезија, за финансиските системи, за бизнис партнерствата и сето тоа во контекст на нашиот заеднички пат и визија кон ЕУ.

На самитот на „Економист“ во Атина во јули оваа година, ја истакнав важноста од економски просперитетен Балкан на 21-от век, интегриран во Европската Унија. Тоа се постигнува исклучиво со заедничка соработка со државите од регионот, со Европската Унија, со САД и сите пријателски држави, со посветена работа и верба во подобра иднина, истакна тој.

Заев истакна оти е горд што Северна Македонија постигна договор со Грција и што денес сме членки на НАТО.

Тоа значи сигурност и безбедност, како и можност за економски развој, за инвестиции и за економски просперитет. Нашата држава ги исполни сите услови за почеток на преговорите за членство во ЕУ, што е безусловно потврдено од страна на Европската Комисија. Се заблагодарувам на сите држави членки на ЕУ кои ни даваат безрезервна поддршка во овој процес, а посебна благодарност за премиерот на Грција за поддршката особено во последните неколку месеци и за континуираната поддршка на САД, рече Заев.

Косовскиот премиер Албин Курти рече дека е важна заедничката соработка во регионот и јакнење на институциите, ослободени од криминал и од корупција. За тоа, рече, Курти, потребни се функционални реформи и владеење на правото. Тој истакна и дека е важен и социјалниот и економскиот напредок во регионот и, како социјалдемократ, верува во фер економија со еднакви можности за мажите и жените.

Ние го поддржуваме заедничкиот регионален пазар и сметаме дека тоа е вистинскиот пат за напредок. Веруваме дека е многу подобро доколку од самиот почеток е вклучена ЕУ во сите иницијативи, наместо да се обидуваме да го правиме тоа без ЕУ. Од друга страна морам да кажам дека ниту како политичка ориентација, ниту како културна сензитивност, јас не припаѓам во групата луѓе кои веруваат во самодоволноста на Балканот. Јас сметам дека ЕУ е нашата судбина, а Европа е нашиот континент, изјави Курти, додавајќи дека поддржуваат нов договор со посредништво на ЕУ, што, како што рече, ќе го олесни спроведувањето на иницијативите во кои е вклучена самата Унија.  

Курти, исто така, оцени дека најпрвин се потребни функционални демократии и владење на правото, наместо автократија и корупција. Не само на Западен Балкан, туку и во самата ЕУ, рече тој, сведоци сме на тенденции на непочитување на клучните демократски вредности и начела.

Вицепремиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ се согласи со Курти дека корупцијата и организираниот криминал се генератор на голем број на негативности во регионот и доколку не се бориме против тие фактори, не можеме да имаме институции кои се професионални, независни и кои може да обезбедат подобри животни услови за луѓето. Потребно е, вели тој, и да се надминат проблемите во регионот, границите да се направат невидливи, како во ЕУ за да им овозможиме на луѓето да бидат помобилни, да им го олесниме пристапот.

ЕУ, конечно, треба да разбере дека начинот на кој треба да се изградат посилни партнерства и инвестиции во Западниот Балкан е да се забрза и зголеми бројот на инвестиции во регионот, особено во инфраструктурата за да се овозможи таа мобилност за сите луѓе. Ќе биде многу добро, конечно, да постигнеме вистинско помирување на луѓето од Западниот Балкан. Се разбира дека имаме проблеми, па избори, па нов период по изборите, има проблеми меѓу Косово и Србија, Црна Гора и Србија, Северна Македонија и Бугарија, во самата БиХ, исто така, има проблеми. На крајот на краиштата треба да разбереме дека понекогаш нашата реторика не е компатибилна со нашите постапки. Ако навистина сметаме дека треба да ги прифатиме европските вредности и сакаме да бидеме дел од западната цивилизација и сакаме да се приклучиме кон ЕУ, треба да се придвижиме напред во однос на нашето однесување и постапки и да бидеме компатибилни со тие вредности, рече Абазовиќ.

Тој смета дека не треба да гледаме само непријатели на нашите граници, туку пријателство, луѓе со заеднички проблеми кои во голем број на случаи се и идентични проблеми како корупцијата, непостоење правда, организиран криминал. Иако ситуацијата во регионот не е многу оптимистична, Абазовиќ е, сепак, оптимист дека земјите од регионот имаат потенцијал кој можат да го искористат на вистински начин со испраќање на позитивни пораки преку јакнење на демократијата и институциите.