Едно убиство, четири самоубиства и 79 кривични дела сторени при семејно насилство бележи полицискиот билтен за периодот 12 март – 12 април, односно од почетокот на рестриктивните мерки во државата поради пандемијата на ковид-19. Едно од самоубиствата е регистрирано во Штип, а во последната порака, како причина, лицето ја посочило расправијата со сопругата околу коронавирусот. Во истиот период регистрирани се и девет обиди за самоубиство за кои досега не е утврдено дека се поврзани со вирусот.

Според статистиката на Министерството за внатрешни работи (МВР), бројот на кривични дела (79) при семејно насилство е намален за 28 отсто во однос на истиот период (12 март – 12 април) лани во кој биле регистрирани вкупно 109 кривични дела.

Во делот на прекршоци, регистрирани се 32 што претставува намалување за 33 отсто во однос на истиот период во 2019 година. Најголем дел  од нив (55 отсто) се направени на подрачјето на СВР Скопје, 16,6 отсто во СВР Штип и 10,8 отсто во СВР Куманово, додека во СВР Битола, СВР Велес и СВР Струмица не е евидентиран ниту еден.

Пандемијата го промени начинот на функционирање, односно повеќето луѓе работат од дома, користат разни платформи, работат онлајн, одржуваат видео-состаноци, значително се зголеми е-трговијата и е-плаќањето, со што се зголемија и ризиците за безбедност и заштита на личните податоци на корисниците, податоците од нивните платежни картички и банкарски сметки.

„Ваквите состојби резултираа со злоупотреба на податоци од платежни картички на наши државјани за што се пристигнати две пријави, чии податоци им се злоупотребени на онлајн трансакции на македонски и странски интернет страни. Потоа регистриран е нов модус на извршување каде во компјутерски систем се пријавуваат лица, а овој систем ги собира и чува личните податоци за лицата заедно со нивната лична електронска пошта и ИП адреса на корисник кој го извршил пријавувањето на лицата. Добиени се и две пријави од правни лица за креирање на лажни страни, кои се идентични на нивните оригинални страни, каде се нудат лажни наградни игри, со цел да се прибават лични податоци од лицата, броеви од платежни картички, кои понатаму ќе бидат злоупотребени, со цел злоупотреба на личните податоци и податоците од платежни картички, банкарски сметки на граѓаните, кој модус е активен и овој период“, информираат од МВР.

Полицијата забележала криење на ИП адреси на корисници на интернет користејќи VPN/Proxy сервиси заедно со невалидни или измислени електронски пошти. На измислените и лажни електронски пошти системот не е во можност да испраќа линк за верификација, системот не го прифаќа и ги одбива овие податоци за доставени и пријавени лица. Ова значи дека лицата лажно се обидуваат да се пријават во системот, внесувајќи лажни податоци со што го оптоваруваат системот за обработка на истите.

Полицискиот билтен регистрира зголемен е бројот на содржини на интернет и на социјалните медиуми кои се поврзани со вести за вирусот ковид-19, потоа голем број на содржини кои имаат елементи на говор на омраза, содржини кои ја загрозуваат сигурноста кон одредени лица, за што се доставени 17 известувања до Основно Јавно Обвинителство (ОЈО) Скопје. Покрај ова, Секторот за компјутерски криминал до сега има доставено 20 известувања до ОЈО Скопје за кривични дела против здравјето на луѓето.

 

Во првиот месец од пандемијата, Скопје, Битола и Штип „водат“ во кривичните дела од имотен криминал. Само во тие три града се извршени околу 400 тешки кражби од вкупно 515 во целата држава.

Најмногу тешки кражби се извршени од возила – 112, потоа од куќи и станови – 72, во викендички – 44, во маркети – 34 дела од кои 20 во Скопје. Само 18 отсто од тешките кражби се извршени во рурални средини, останатите кражби во најголем број се извршени во урбани средини на централните градски подрачја.

Вкупен број тешки кражби на подрачје на Скопје во анализиран период е 227 од кои најголем број во возила. Потоа следи подрачјето на СВР Битола со 102 тешки кражби, од кои 65 на подрачје на ОВР Прилеп, СВР Штип – 68, СВР Охрид – 32, СВР Струмица – 30, СВР Тетово – 20 и на подрачјата на СВР Велес и Куманово по 18 тешки кражби, истакнуваат од МВР.

Во периодот од 12 март до 12 април оваа година, мета на криминалци биле и аптеки и бензински пумпи. Во овој временски период пријавени се вкупно 11 разбојништва на подрачјето на СВР Скопје и тоа седум во Центар и во Аеродром и по едно во Кисела Вода, на Бит Пазар и во Шуто Оризари, додека две биле во Куманово и по едно во Кочани и во Струга.

Само едно од разбојништвата е извршено со употреба на нож, останатите се со закана со нож, пиштоли, физичка сила и дрвени предмети. Во два случаја делата се извршени од групи од повеќе лица од пет, односно седум лица, а останатите дела се извршени од еден или двајца сторители.

Во делот на измамите, во овој период се регистрирани 25 кривични дела, од кои најголем дел се извршени на подрачјето на Скопје – 11. Карактеристична е измамата со набавка на заштитни маски за што најголема жртва е лице од Гостивар, сопственик фирма, кој нарачал заштитни маски и уплатил 500.000 евра на девет странски фирми, но до датумот на пријавување нарачаните маски не биле доставени.

Во земјава во анализираниот месец на пандемијата, регистрирани се 2.194 кривични дела, а стапката на вкупниот криминалитет изнесува 105,5 на 100.000 жители. Најголем дел, односно 47 проценти од вкупниот криминал е поврзан со актуелната состојба и мерките кои се преземаат за спречување на ковид-19, при што по овој основ се регистрирани вкупно 1.039 кривични дела.

Доколку од анализата ги исклучиме овие кривични дела, евидентно е дека стапката на останатиот криминал изнесува 55,6  на 100.000 жители.

Гледано по подрачја, најголем дел од вкупниот криминал, без кривичните дела против здравјето на луѓето е извршен на подрачјето на СВР Скопје, СВР Битола и СВР Штип, при што стапката на криминал, пресметана на 100.000 жители, е највисока во СВР Битола – 73,3, а потоа следат подрачјата на СВР Штип со 70,1 отсто и СВР Скопје со 69,7 отсто.

Анализирајќи ги податоците според видот на делата, најзастапени се кривичните дела кои се поврзани со почитувањето на здравствените прописи и забраните кои се поврзани со спречување на коронавирусот, а потоа следуваат тешките кражби, кражбите и обидите за извршување на тешки кражби и делата со елементи на насилство.