Ризвановиќ: И Алијансата се соочува со внатрешна сложеност; Андоновиќ: Овој воен сојуз ја поттикна Србија да започне со реторика на воено историски моменти; Андонов: Иницијативата не е исклучиво хрватско-албанска; Малески: Новата геополитика произведува сериозно поместување и на Балканот; Величковски: Владата недоследна кон стратешката национална цел – да работиме на сопствениот одбранбен капацитет.
Марија Тодоровска
По американските претседателски избори, вклучително и со повеќе од тригодишната руска агресија врз Украина и најавите за завршување на војната со некаков договор, потоа и царинските турбуленции на Доналд Трамп, кризата со единството во ЕУ, исто така, светот на глобален план се менува секавично.
Балканот ниту може да биде рамнодушен, ниту пак би можел да биде поштеден од светските случувања. Посебно што тука перманентно тлеат одредени состојби за кои не треба многу за да станат и конфликтни. Лебдат многу отворени прашања во Босна и Херцеговина со политиката на Република Српска спрема Федерацијата, влијанијата на Загреб и на Белград на тие внатрешни случувања, потоа неефективните напори на меѓународната заедница на релација Белград – Приштина па и актуелните состојби со веќе неколкумесечните студентски и граѓански протести во Србија.
И од тие причини, деновиве посебно внимание на воено безбедносните аналитичари па и на дел од политичката јавност го сврте прво воено безбедносниот договор меѓу Хрватска, Албанија и Косово од една и српско – унгарската реакција на тој договор со Декларацијата за воена соработка меѓу Будимпешта и Белград.
Во оваа компелациска анализа на НОВА.тв.мк, презентираме видувања на афирмирани македонски аналитичари кои за неколку медиуми говорат за најновите глобалните геостратегиски поместувања и влијанието врз балканските состојби исто низ призмата на реакциите на Загреб, Тирана, Приштина, Белград и Будимпешта.
На 18 март, Косово, Албанија и Хрватска потпишаа трилатерален договор чија цел е „зајакнување на одбранбените капацитети на трите земји, зголемување на соработката во одбранбената индустрија и подобрување на воената соработка преку образование, обука и заеднички вежби“.
Заедничка оценка на министрите за одбрана на овие земји е дека „овој договор е поради геополитичките и безбедносните предизвици во Југоисточна Европа, како и поради надворешните влијанија во регионот“.
По договорот помеѓу Косово, Хрватска и Албанија, следуваше и договор, декларација, помеѓу Србија и Унгарија исто така во областа на одбраната.
„Ѓаволот ја однесе шегата. Новата геополитика произведува сериозно поместување на тлото на најчувствителното место во Европа – Балканот. Можно ли е под нашите нозе во Македонија да почне да извира историјата? Ставени меѓу чеканот и наковалната, досегашните изјаснувања на нашата држава беа најмногу за резолуции во ОН во кои гласавме за Косово а не за Србија“, пишува Денко Малески на ГлобусМагазин.мк
„На протестите за македонското гласање за таква резолуција, во едно интервју за белгардски весник, одговорив дека оваа влада мора да води грижа за 25 проценти од своето население, повеќе одколку за интересите на Србија. Имено, стабилноста, па дури и опстанокот на државата зависат од лојаноста на втората по големина етничка заедница кон сопствената држава, а начин да се загуби таа лојалност е да се гласа против Косово.Но, не станува веќе збор за резолуции на ОН туку за политичи одлуки кои можат да водат кон војна или мир. Во „американската ера“ балканските политичари беа ослободени од такви одлуки.А сепак, тоа беше време кога, нам во Македонија, Америка и НАТО ни беа виновни за се. Како тоа, праша еден претставник на Стејт департментот во посета на Скопје, вашите политичари мирни спијат под наша безбеносна закрила, а штом се разбудат почнуваат да не критикуваат?“, пишува тој. Линк
„Прво, треба да знаете дека сигурно иницијативата не е исклучиво хрватско-албанска иницијатива. Таа иницијатива е обмислена во рамките на НАТО. Второ, во рамките на НАТО ние ќе имаме проширување на тој сојуз регионално, а ќе имаме и поддршка на самиот тој мини сојуз, така да го наречеме. Поддршка од придружни членки. И тоа сигурно ќе биде некоја од поголемите европски држави или посилните НАТО држави, која ќе даде импулс на еден таков сојуз“, вели Оливер Андонов во интервју за ЦивилМедиа
„Мојот личен став е дека Македонија треба да биде дел од регионалните сојузи во рамките на НАТО и јас сум убеден дека тоа прашање ќе им биде поставено на нашите авторитети во политиката и одбраната, а каков ќе биде одговорот, останува на нив. Но, мојот став, ќе повторам уште еднаш, е дека треба да бидеме таму од неколку аспекти, пред сé, поради регионално зацврстување на сигурноста, градење на отпорноста и не само воената, туку и политичката и економската поврзаност. Затоа и ќе имате прашање не само насочени кон Македонија, туку и кон други држави од регионот“, вели Оливер Андонов. Линк
„Ова создава одреден предизвик за НАТО. Алијансата се соочува со внатрешна сложеност: Хрватска и Албанија се силни проамерикански играчи, додека Унгарија, под водство на Виктор Орбан, води посамостојна, често проруска политика. Иако не станува збор за директна криза, ваквите спротивставени ставови внатре во НАТО го отежнуваат креирањето на единствена стратегија за Балканот. Алијансата ќе мора вешто да балансира меѓу интересите на различните членки“, рече Сеад Ризвановиќ во интервју за Новатв.
„Балканот влегува во нова фаза на безбедносно редефинирање. Овие паралелни сојузи — хрватско-албанско-косовскиот од една страна, и српско-унгарскиот од друга — ја создаваат основата за ново геополитичко ривалство на Балканот. Мириса на процес на ново групирање, не на отворен конфликт, туку на тивка милитаризација и зајакнување на безбедносните позиции. Балканот останува „меко стомаче“ на Европа и во вакви услови ќе биде уште поподложен на влијанија и притисоци од големите сили, пред сè САД, ЕУ, Русија и Турција“, вели тој во интервјуто. Линк
„Овој воен сојуз ја поттикна Србија да започне со реторика на воено историски моменти. Имено Албанија како тррадиционален сојузник на Косово, Хрватска, како традиционален сосед на Србија со која освен воено минато има и анимозитет по сите прашања, и уште спомнувањето на можеби Бугарија и Турција, ја раздвижи акутелната политика на српска власт, чиј претседател Вучиќ во овој сојуз виде добра можност за жестока реторика во политичките околности во кои се наоѓа. На тврдењето дека зад протестите во Белград стојат странски служби меѓу кои и Хрватски, овој воен соуз му дојде како кец на десетка, за да искористи и да ги обвини своите политички опоненти дека зад нив стои Хрватска. Добитна комбинација за српскиот национализам“, вели новинарот и аналитичар Дејан Андоновиќ во интервју.
„Од друга страна самата Србија подолго време ја развива својата воена индустрија и беше првата земја во регионот која, како аргумент за одбрана на својата неутралност, започна со воведување на задолжителен воен рок. За потстеување воен рок воведе и Хрватска, а се подготвуваат и останатоте земји во Европа и во регионот.
Во однос на Москва, повеќе од јасно е дека традиционалното упориште на Русија на Балканот е преместено од Белград во Бања Лука српскиот претседател Вучиќ многу помалку се среќава со руските преставници, наспорти лидерот на Република Српска, Милорад Додик кој за овие 3 години се сретна со рускиот претседател Путин најмалку девет пати. Повеќе од сигурно е дека Вучиќ преку Додик се обидува да ги држи врските со Москва, но исто така српската политика на 4 столба, САД, ЕУ, Кина и Русија е она за што Белград се залага“, вели Андоновиќ. Линк
„Една опција е да не сме потписници на Меморандумот за воена соработка меѓу Хрватска, Косово и Албанија по избор на Скопје. Тогаш Владата е целосно недоследна кон стратешката национална цел: да работиме на сопствениот одбранбен капацитет вклучително низ вмрежување со сојузниците, како членка на Алијансата. Ако, пак, Скопје не сакало да е дел од воено-техничка соработка со Приштина, тогаш значи дека оваа Влада фактички не го признава Косово и покрај „срдечните“ односи на ВЛЕН и Мицкоски со Владата (на Курти) во Приштина. Конечно, со оглед на (очекувано) негативните реакции на Вучиќ во однос на Меморандумот, излегува дека Владата на Мицкоски-Меџити-Димитриевски – со неучеството во Меморандумот – практично изградила позиција по волја на српското државно раководство спротивна на своите национални интереси и интересите на сојузниците, а одбранбено му ја ставило Северна Македонија на испомош на „српскиот свет“, вели Ивон Величковски во изјава за Фронтлајн.
„Тоа е еднакво поразително, бидејќи таквиот став би значел дека на (Владата на) Северна Македонија не се гледа како на доверлив партнер за воена, но и воено-техничка соработка во рамките на Алијансата. За илустрација колку моменталната надворешна и одбранбена политика на РСМ отстапува од досегашната европска и евроатланска ориентација, доволно е само да се потсетиме дека во министерскиот мандат на Бујар Османи, пред две години по наша владина иницијатива е формирана QUAD, квадрилатералата што ги обедини Северна Македонија, Црна Гора, Албанија и Косово како земји со стопроцентна усогласеност со надворешната и безбедносната политика на ЕУ – а денес, во министерскиот мандат на Муцунски и Мисајловски – Северна Македонија ниту е посветена на веќе започнатите надворешно-политички иницијативи на кои е потписник – ниту пристапува кон дополнителни регионални иницијативи од одбранбено значење за нашата земја“, вели тој. Линк
Извори: Нова тв.мк, Глобус магазин.мк, ЦивилМедиа.мк и Фронтлајн.мк