Од:

Година на корупција, пропагандa и измами: ТОП 10 СТОРИИ НА НОВАТВ

Се велеше дека по бомбте тешко е да се направи новинарско истражување кое ќе открие некоја голема афера. Но, годината која измина испрати уште еден демант од земјата која стекна имиџ на корупциска оаза и земјата која отиде дотаму со кршењето на принципите на владеењето на правото и демократијата, што успеа и проблемот со името да го тргне од агендата на приоритети за решавање на евроинтеграцискиот пат. НОВАТВ ви ги претставува сториите изработени во 2016 кои оставија најголем впечаток оваа година. Од лажните партиски лекари кои лечат луѓе без дипломи, но и лажните вести на ВМРО-ДПМНЕ за федерализацијата, скапите уметнички слики во штабот на ВМРО-ДПМНЕ со портрети од лидерот, до корупцијата и трговија со влијание на пријатели на власта преку офшор компании.

  1. Македонскиот тајкун Јордан Камчев дел од глобалниот скандал „Документите од Панама“

Јордан Камчев, контроверзен бизнисмен близок до круговите на владејачката партија и кумашин на Сашо Мијалков, долго време се сомничи дека користи офшор компании за да го сокрие своето богатење преку зделки и бизниси овозможени од владата. Документите од Панама за прв пат овозможуваат доказ за негово директно сопствеништво во една таква компанија – „Десимарг Лимитед“ основана на Бахамите. Ова откритие доаѓа од базата од 11,5 милиони интернационални документи популарни како Panama Papers кои ги доби германскиот весник Зидојче Цајтунг и ги сподели со Интернационалниот конзорциум на истражувачки новинари заедно со Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP) којшто во Македонија работеше со НОВАТВ.

Панама документи: Миленичето на власта, од плејбој до тајкун

2. Соцреалистички уметнички слики во новата зграда на ВМРО-ДПМНЕ

Оваа сторија завладеа со медиумите и социјалните мрежи во јуни 2016 кога НОВАТВ екслузивно објави  дека владејачката партија нарачала над 50 уметнички слики со портрети на функционери и семејството на Груевски во позлатени рамки. Во рамки на сторијата, НОВАТВ доби и фотографии од дел од портретите. Тоа не беа само портрети изработени од украински уметници кои работеа на државни проекти од Скопје 2014. Тие отворија сомнежи дека луксизното, но сепак, со сомнителен вкус уредено седиште на владејачката партија во време на голема сиромаштија е платено дискретно со државни, а не со партиски пари. Но, илустрираа и политика на една партија која е најблиску од веќе исчезнатите советски диктатури.

Украинско арт сценарио во партиската зграда на ВМРО ДПМНЕ

3. Лажните вести скроени во ВМРО-ДПМНЕ за федерализација

Оваа сторија откри дека вестите дека Зоран Заев добил поткуп за да ја федерализира Македонија беа објавени непосредно пред стратот на изборната кампања за предвремените парламентарни избори во декември 2016. НОВАТВ истражи дека сајтовите кои ги објавија во Србија и Хрватска се поврзани со функционери од ВМРО-ДПМНЕ. Згаснаа веднаш откако ја завршија својата задача, но го поставија неповратно курсот на кампањата и ги зовреа партиските страсти. Па така, големата лага стана голема вистина околу која се градеше целата пропаганда на власта за време на изборите.

(ВИДЕО) Функционери од ВМРО креираат лажни вести за оцрнување на Заев

4. Лажна докторка  – студентка вработена во Итна помош во Скопје

Оваа сторија уште еднаш ги илустрираше стравотните проблеми во здравството во Македонија. НОВАТВ откри дека во Итната помош во Скопје е вработена студентка која нема дипломирано медицина, нема полагано државен испит пред лекарската комора, а сепак била избрана на огласот за докторка и лекувала луѓе. Здравствениот дом од Скопје и помогнал со фалсификуван лекарски печат, а сите знаеле дека не е докторка, но сепак ја вработиле бидејќи била блиска од партиски структури. Иако лажната докторка беше отпуштена, за овој случај не одговараше никој.

Студентката „докторка“ отпуштена од Итната помош, а одговорен никој

5. Скапи гозби на државна сметка

НОВАТВ преку Законот за слободен пристап до информации ги доби податоците за службените патувања на министерот и заменикот министер во Министерството за труд и социјална политика. Добивме стотици документи од кои сметки од хотелските сместувања и изводи од нивните службени картички. Оваа сторија илустрираше расипништво со државни пари, а државниот ревизор ги констатираше овие злоупотреби.

(ВИДЕО) Гозби на државна сметка, се нарачува најскапото и највкусното

7. Државно офшор казино

Ова е приказна за тајни и моќ, за пари чија трага сме спречени да ја следиме, приказна за отворено здружување на власта со анонимни офшор компании во државен бизнис вреден десетици милиони евра годишно. Како владата се впушти во бизнис со ортаци од  Лугано и Обединиетите арапски емирати? Зошто владата крие кои се најзините партнери во Државното лото и како за по пет илјади евра се продаваа уделите во овој бизнис кој носи толку пари што никогаш нема да замре.

 

Државно офшор казино:Тајни газди од Арапски емирати ортачат со владата

8. Лет над законите: Како ВМРО-ДПМНЕ стана најбогата партија во Европа

Ова истражување беше работено заедно со Центарот за истражувачко новинарство СКУП. Тие во октомври годинава објавија дека владејачката партија е побогата и од партијата на Меркел. Во декември, заедно со НОВАТВ откривме дека дел од имотот на партијата е стекнат спротивно на законите, а откриваме и каков имот има власта.

(ВИДЕО) Над законот: Како ВМРО ДПМНЕ стана земјопоседник во три години

9. Матната страна на донациите на ВМРО-ДПМНЕ 

Во 2015 година партијата купила имот вреден десетици милиони евра. А сите пари кои ги прикажале пред Државниот ревизор се од донации од јавни и државни службеници. Собрале 1,5 милиони евра, а дури половината ги донирала армија службеници, учители, негувателки и други јавни службеници во ист ден со исти суми. НОВАТВ откри и такви донатори кои тврдеа дека никогаш не дале пари и не знаат зошто нивните имиња се на списокот донатори на власта.

 

Донации во ВМРО ДПМНЕ: Фиктивни донатори и сиромашни службеници

10. Со собрани милиони, клуч на врата за фирмата која ги  печатеше електронските здравствени картички

НОВАТВ откри дека есенва фирмата која го  имаше добиено тендерот за електронски здравствени картички стави клуч на врата. Скандалите врзани со електронската здравствена картичка не се нови. Годинава, од корисниците на фондот се побара изработка на втора обновена картичка, иако претходно министерот Тодоров најави дека тие се вадат еднаш за цел живот. На вработените во јавниот сектор  во септември годинава парите за изработка на нова картичка им се одземаа присилно од платата. А потоа, фирмата затвори.

Нема веќе здравствени картички, фирмата стави клуч на врата