Иако Србија и Црна Гора во моментов се најблиску до Европската Унија, Македонија и Албанија прават значаен прогрес во нивниот европски пат и Комисијата е подготвена да даде препорака за отпочнување на преговорите на основа на исполнети критериуми, потврдија денеска претставниците на ЕУ, Жан-Клод Јункер, Федерика Могерини и Јоханес Хан.
Презентирајќи ја Стратегијата на ЕУ за Западен Балкан, тие заклучуваат дека перспективата на регионот пред се е во рацете на самите земји, кои според пораките, мора да дејствуваат одлучно и ефективно во своите напори и да работат на виталните реформи, особено во владеењето на правото, независноста на судството и фундаменталните права, како и тоа да ги исполнат политичките, економските и општествените трансформации.
ЕУ од своја страна се залага дека ќе го поддржи овој процес.
Стратегијата дава еден акциски план во кој се содржани шест клучни точки: владеење на правото, безбедност и миграција, социо-економски развој, поврзаност на транспортот и енергијата, дигиталната агенда, помирувањето и добрососедските односи, а конкретните активности се предвидени од 2018 до 2020 година.
Најголемиот предизвик кој му претстои на Западен Балкан се реформите во владеењето на правото, фундаменталните права и доброто владеење.
На регионот му се препорачува дека мора да ги аплицира овие фундаментални европски вредности многу поцврсто и поверодостојно.

„Инвестирањето во стабилноста и просперитетот на Западен Балкан значи инвестирање во безбедноста и иднината на Унијата. Иако за време на сегашниот мандат нема да има проширување, Европската Комисија го трасира европскиот пат за Западен Балкан. Со цврста политичка волја и реални реформи, со дефинитивни решенија на недоразбирањата меѓу соседите, Западниот Балкан може да се придвижи на својот европски пат. Дали ова ќе се постигне ќе зависи од нивните заслуги. Европската Комисија ќе биде строга но и фер. Ќе ја посетам секоја од земјите во Западниот Балкан кон крајот на месецов со јасна порака: Продолжете со реформите и ние ќе продолжиме да ја поддржуваме вашата европска иднина“, рече денеска претседателот на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер.
Охрабрување на патот кон реформите изрази и високата претставничка за надворешни работи на Унијата, која вели, со Стратегијата се даваат конкретни патокази за придвижување кон Унијата.

„Западниот Балкан е дел од Европа. Ја делиме истата историја, истата географија, истото културно наследство и истите шанси и предизвици како сега така и во иднина. Имаме заеднички интерес да работиме заедно, што ќе гарантира економски, социјален и безбедносен развој. Стратегијата го покажува патот кој е пред нас. За сите шест наши партнери да ги надминат разликите за сите заедно да го споиме континентот. Оваа стратегија ни дава заедничка, јасна, кредибилна и конкретна перспектива за интеграцијата на секоја од шесте земји. Следните месеци ќе бидат напорни и клучни за да се осигураме дека историската шанса ќе биде реализирана“, рече Могерини од Брисел.
Со претставувањето на Стратегијата која утврдува политички, судски и економски реформи, Хан вели, новиот пристап дава конкретни насоки, а волјата ќе биде пресудна за нејзино реализирање.

„Денеска потврдуваме дека вратата на Унија е отворена за Западен Балкан и дека нашата понуда е искрена. Со новиот пристап, во кој подвлечени се конкретни мерки, ние го зацврстуваме процесот на проширување кој бара сериозни напори и реформи, особено во владеењето на правото. Мораме да работиме за бенефит на сите граѓани“, рече меѓу другото Јоханес Хан.
Што се однесува конкретно на Македонија, во интервју за НОВА, Хан потенцира дека кај премиерите на Македонија и Грција гледа подготвеност за решение на спорот со името, што секако е дел од Стратегијата, која предвидува помирување и добрососедски односи.
„Важно е што колегите од Скопје и Атина седат заедно, градат доверба и бараат решение. Односите се добри помеѓу двата министри за надворешни, неодамна и помеѓу двајцата премиери, има нов ангажман од страна ЕУ преку специјалниот пратеник Нимиц, така што јас сум оптимист дека ќе можат да го решат прашањето“, вели еврокомесарот меѓу другото.