Во рамките на настанот „Златна Олимпија“ која се одржа во Скопје, а на која беа доделени награди за најуспешните жени во спортот за 2022 година, Директорот на Фондацијата „Заев – Едно општество за сите“ Зоран Заев доби специјално признание за исклучителен придонес за развој и афирмација на спортот од Олимпискиот Комитет на Северна Македонија.
По неполни два месеца, ова е второ „спортско“ признание кое го добива директорот на нашата фондација, откако на Самитот на спортските новинари од Југоисточна Европа – „Спортот за државата, државата за спортот“ доби плакета за посебен придонес во афирмирањето на спортот, мирот, добрососедските односи и пријателството.
Покрај тоа, со искрена верба за придонес кон развојот на партнерските односи, претседателот на Олимпискиот комитет на Северна Македонија, Даниел Димески и директорот на Фондацијата „Заев – Едно општество за сите“, Зоран Заев, потпишаа четиригодишен договор за соработка помеѓу двете институции. Тие ќе соработуваат во организација на заеднички активности за унапредување, поддршка и развој на граѓанското општество, а пред се во областа на културата, спортот, уметноста, јавното здравје, олимписката едукацијата на младите, заштита на животната средина и др.
Покрај тоа, Фондацијата денес објави и дека донирала апарат за дијагностика на уролошки болести на струмичката болница.
„Еден од најважните фундаменти врз кој почиваат постоењето и дејствувањето на Фондацијата „Заев – Едно општество за сите“ е и унапредувањето на јавното здравје. Како дел од активностите за доследно исполнување на зацртаните цели и стремежи во оваа област, нашата Фондација изврши донација на апарат за дијагностика од областа на урологијата, за ЈЗУ „Општа болница“ – Струмица. Станува збор за исклучително важен дијагностички апарат кој ќе значи многу за струмичките уролози од оваа институција, а пред се за граѓаните кои се соочуваат со уролошки проблеми и заболувања“, се вели во објавата.