Голем број на државници, на деловни луѓе и познати личности во САД и светот изразија сочувство по повод смртта на поранешниот американски претседател Џорџ Буш Постариот.  Меѓу нив и последниот лидер на Советскиот Сојуз, Михаил Горбачов кој изрази искрено сочувство до семејството на Буш Постариот и до сите Американци.

Горбачов соработуваше со Буш Постариот кон крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години од минатиот век што резултира со завршување на Студената војна. Од тој период ги потенцира способностите на поранешниот лидер на САД како политичар, но и неговите лични карактеристики.

„Тоа беше време на големи промени кои бараа голем степен на одговорност од сите. Резултатот беше крај на Студената војна и трката во вооружување“, истакна Горбачов.

Во телеграмата со сочувство, Горбачов наведе дека тој и неговата сопруга Раиса „многу ги ценеле вниманието, љубезноста и едноставноста на Џорџ и Барбара Буш како и на другите членови на нивното големо, пријателско семејство“.

Британската премиерка Тереза Меј напиша дека Буш „беше голем државник и вистински пријател“ на Велика Британија. Таа ја потенцира неговата улога во завршувањето на Студената војна со „што светот стана побезбедно место за многу идни генерации“.

Додека поранешниот британски премиер Џон Мејџор истакна дека се чувствува „почестен“ што соработувал со неговиот пријател Буш.

„Тој едноставно беше еден од најдобрите луѓе што сум ги познавал“, напиша Мејџор.

Голем број германски владини претставници изразувајќи сочувство го нагласија ангажманот на Буш Постариот во повторното обединување на Германија во 1989 година.

„Германија многу му должи на Џорџ Буш Постариот. Тој беше претседател на крајот на Студената војна и стана возможно обединувањето на Германија. Германскиот народ во него имаше вистински пријател кој ја препозна важноста на историскиот момент и изрази доверба и поддршка. Германците ќе го паметат Џорџ Буш Постариот со вечна благодарност“, напиша германската канцеларка Ангела Меркел во телеграмата со сочувство испратена до американскиот претседател, Доналд Трамп.

И германскиот претседател Франк Валтер Штајнмајер во телеграмата со сочувство наведува дека Буш Постариот беше пријател на Германија.

„САД загубија голем државник. Германија жали за загубата на вистинскиот пријател“, наведе Валтер-Штајнмајер.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон изразувајќи сочувство до американскиот народ и до семејството на Буш истакна дека тој „беше голем лидер кој непоколебливо го поддржувал сојузот со Европа“.

„Ве молам прифатете го моето најдлабоко сочувство поради смртта на вашиот татко, Џорџ Херберт Вокер Буш, поранешен претседател на САД. Извонреден човек кој верно ` служеше на својата земја целиот живот – со оружје во рака за време на војна и на високи позиции во влада за време на мир, кој веќе не е со нас, напиша рускиот претседател Владимир Путин во телеграмата со сочувство испратена до Џорџ Буш Помладиот.

Путин потенцира дека Буш Постариот како лидер на САД во „една од најважните фази на светската историја покажа политичка мудрост и можност за предвидување“, но и „инсистираше да носи одлуки засновани на факти дури и во најтешките ситуации“.

„Џорџ Буш Постариот, исто така, направи многу за зајакнување на руско-американската соработка по прашањето за глобалната безбедност, истакна Путин.

Претседателот на Европска комисија Жан Клод Јункер му оддаде почит на Буш Постариот потенцирајќи го неговиот придонес за единството и безбедноста на Европа по крајот на Студената војна.

„Никогаш нема да ја заборавам улогата што ја имаше за единствена Европа и да биде побезбедно место за живеење по уривањето на Берлинскиот ѕид и на Железната завеса. Неговата ладнокрвност, лидерски квалитети и лични односи со германскиот канцелар Хелмут Кол и поранешниот советски претседател, Михаил Горбачов беа решавачки за воспоставување на мир и враќање на слободата на толку многу луѓе на нашиот континент. Ние Европејците никогаш нема да го заборавиме тоа“, истакна Јункер.

Претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани на Твитер напиша дека „Европа изгуби еден борец за слобода и единство во епохата на Студената војна“.

Во меѓувреме,  јапонскиот премиер Шинѕо Абе изјави дека веста за смртта на Буш Постариот го натажила. Тој ја истакна неговата улога во завршување на Студената војна со поранешниот Советски Сојуз како и преземање на лидерство во воените интервенции во Заливот.

Емирот на Кувајт, Шеик Сабах ал Ахмад ал Сабах изјави дека Буш „се обиде да формира меѓународен поредок заснован на правда и еднаквост помеѓу нациите“.

Иранската државна телевизија јави за смртта на поранешниот американски претседател Џорџ Буш Постариот со коментар дека и тој „како и другите претседатели на САД, сакал да го види падот на Исламска Република Иран“.

Поранешниот американски претседател Барак Обама наведе дека „Америка изгуби патриот и понизен слуга“.

Наследникот на Буш Постариот, поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон изјави дека е „многу благодарен за секоја минута што ја минал со претседателот Буш и секогаш ќе го смета нивното пријателство за еден од најголемите подароци во живот“.

„Малку Американци можат да се натпреваруваат со претседателот Буш и начинот на кој им служеше на САД“, наведе Клинтон.

И актуелниот претседател на САД, Доналд Трамп и неговата сопруга Меланија изразија жалење за смртта на Буш Постариот. Тие ги пофалија „цврстите одлуки, здравиот разум и неприкосновеното раководење“ на Буш Постариот.

„Буш инспирира генерации свои колеги Американци во јавната служба, наведе Трамп.

Тој денеска во Буенос Аирес, каде се одржува Самитот на Г-20, ја откажа прес-конференцијата поради смртта на Буш Постариот.

Буш Постариот почина синоќа на возраст од 94 години во неговиот дом во Хјустон, Тексас. Тој беше 41. претседател на САД. Во неговиот мандат (1989 до 1993 година) заврши Студената војна и беше изведена воената операција „Пустинска бура” против ирачкиот претседател, Садам Хусеин.

Буш беше претседател во еден мандат. На изборите во 1992 година беше поразен од демократот Бил Клинтон.

Џорџ Буш постариот беше ветеран од Втората светска војна, конгресмен од Тексас, директор на ЦИА и потпретседател на Роналд Реган.

Неговиот син Џорџ Буш помладиот беше 43. претседател на САД, а другиот негов син Џеб Буш беше гувернер на Флорида.

Во последните години, тој страдаше од Паркинсонова болест. За време на неговото владеење се случи падот на Берлински ѕид, распадот на СССР и Варшавскиот пакт. Во 1989 година, Буш постариот даде наредба за воен упад во Панама, а во 1991 година, кога Ирак одби да ги повлече своите сили од Кувајт, издаде наредба за операцијата „Пустинска бура”.

Буш постариот имаше седум средби со шефовите на Советскиот Сојуз и Русија, Михаил Горбачов и Борис Елцин, при што беа потпишани два договора за намалување и ограничување на стратегиското вооружување (СНВ-1 и СНВ-2).