Ако НАТО го побара, а Владата и претседателот, како Врховен командант, се согласат, тогаш македонската армија би можела да се вклучи во евентуален руско-украински конфликт, порача министерката за одбрана, Славјанка Петровска во вечерашното гостување на ТВ Телма.

Ангажманот на нашата армија се дефинира на конференција за генерирање на сили кои се оддржуваат под Врховна команда на сојузничките сили на НАТО за Европа и секоја земја членка става на располагање сили, единици или опрема согласно можностите. Во моментот имаме обврска и изготвуваме анализи за можноста за потенцијално наше учество во можната деескалација на ситуацијата. Одлуката потоа ја носи Владата, но и претседателот како врховен командант, вели Петровска во интервју за ТВ Телма.

Министерката го повтори вчерашниот став дека Македонија го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.

„Како земја членка на НАТО ја поддржуваме и се залагаме за политика на отворени врати и правото на секоја земја за самоопределување. Во тек се дипломатски преговори за мирно решавање на спорот и таквиот тек го поддржуваме како држава. Засега немаме барање од Русија за некако повлекување на НАТО, како што побараа од Бугарија и Романија“, рече Петровска.