И во попладневниот дел од собраниската комисиска расправа продолжија препукувањата за ребалансот на Буџетот. Пратениците од СДСМ уште еднаш повторија дека се зголемуваат средствата за инвестиции, за Армијата, за човечки капитал, за земјоделство, за здравство, за екологија, за труд и социјала, итн., а се намалува и јавниот долг. Но, според ВМРО-ДПМНЕ, ребалансот е само одраз на неодговорното работење на оваа Влада и до крајот на годината нема да има капитални инвестиции, а задолжувањето ќе биде уште поголемо.

Дискусијата се сведе на расправање кога се живеело подобро, дали во времето на ВМРО-ДПМНЕ или во времето на СДСМ, кога имало повисоки плати, а помали трошоци, колку од процесот на гасификација е завршен и колку автопати се изградени. Се спомна и изградбата на новиот клинички центар – кој ја кочи, а кој сака да се истурка проектот.

– Овие години растот на БДП е 3,6 или 3,8 отсто, а за 2021-ва предвидувањата се дека ќе се зголеми за четири отсто. Инфлацијата е на стабилно ниво. Релевантните меѓунардни институции го поддржуваат овој начин на работење. Буџетот е во консолидирана состојба, граѓаните предвреме добиваат пензии, социјалните трансфери се навремени, а субвенциите се и навремени и зголемени. И не само што се зголемуваат средствата за инвестиции, за Армијата, за човечки капитал, за земјоделство, здравство, труд и социјала, туку го намалуваме и јавниот долг. Лани во декември вративме 175 милиони евра, а сега во јули имаме обврска да вратиме уште 500 милиони, рече Диме Велковски од СДСМ.

Тој потсети дека Владата, за време на корона-кризата, обезбеди пакет мерки за поддршка, проектирани на 1,2 милијарди евра. Велковски направи и паралела колку се вложувало во мебел и возила додека ВМРО-ДПМНЕ биле на власт, а се осврна и на капиталните инвестиции. Потсети дека оваа Влада дојде на 1 јули во 2017 година и пред да направи ребаланс, морала да ги репрогамира долговите од една милијарда денари, неплатени средства за Операта, за МВР, за Театарот во Тетово, итн.

– Во 2020 година оваа Влада потрошила 27 милиони денари за мебел, а во 2015 година за оваа намена биле реализирани 49 милиони или двојно повеќе. За купување возила во 2020 година се потрошени скоро 16,4 милиони денари, а во 2015-та 161 милион денари, истакна Велковски, додавајќи дека Министерството за одбрана набавува повеќе од 120-130 нови оклопни возила зашто земјава е членка на НАТО.

Во однос на јавниот долг, како пример ги посочи Шпанија, Италија, Албанија, Хрватска и Словенија кај кои, како што рече, долгот е преку 80 или над 100 проценти од БДП, додека нашиот е 62,5 проценти.

Велковски ја спомна и гасификацијата.

– Да споредувате 11 години со три години, математички е невозможно. Но, ќе го прифатам предизвикот. За 11 години се изградени 61 километар кој чини 70 милиони евра, а за три години 170 километри што чини 100 милиони евра. Ова е податок без оваа година, рече Велковски.

Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ се јави за контрареплика, напоменувајќи дека СДСМ не ги реализирала ветувањата (600 евра плата, 500 километри автопат, 100.000 денари плата за докторите, Студентски град, итн…) Дополнително, констатира тој, живoтот е сé поскап, а граѓаните се сé посиромашни.

– На крајот од годината нема да имаме капитални инвестиции и ќе има уште поголемо задолжување. Земјите што ги спомнавте во однос на јавниот долг, имаат висок принос од туризмот, сите излегуваат на море и затоа имаат поголем пад од нашиот. За помошта од антикризните пакети, ако тие 1,2 милијрди завршеа каде што треба, немаше да бидеме во минус во првиот квартал. Некаде ја промашуваме работата. Треба да се седне и да се види каде грешиме, да ги редизајнираме мерките, истакна Стојановски.

И тој се осврна на автопатите.

– Има два готови, Демир Капија – Смоквица и Миладиновци – Штип, а се истендерира Кичево – Охрид кој требаше да се заврши во 2018 година. Сега има нов анекс да се заврши во 2023 година за 10 милиони евра по километар. Тоа покажува кој како се однесува и кој колку направил за оваа држава, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.

На тоа му реплицираше Ненад Коциќ од СДСМ, кој кажа колкави биле нето платите во времето на ВМРО-ДПМНЕ и колку се сега, како и колку изнесувала тогаш потрошувачката кошничка. Притоа, тој го обвини Стојановски дека шири, како што нагласи, класични дезинформации.

– Во 2014 година просечната нето плата беше 22.408 денари, а во 2021 година изнесува 28.438 денари што е околу 100 евра повеќе. Социјалната потрошувачка кошничка, пак, во 2014 година беше 32.238 денари, а сега е 33.976 денари. Во ваше време разликата меѓу нето платата и кошничката била скоро 10.000 денари, а сега е 1.800 денари, рече Коциќ.

Првиот ден од расправата за ребалансот на Буџетот заврши, а продолжението на седницата на матичната собраниска Комисија ќе биде дополнително закажано. За власта, ребалансот е развоен со повеќе пари за стабилизирање на економијата, а за опозицијата е расипнички и има повеќе пари за предизборен поткуп и за партиски вработувања. Коалицијата Алијанса на Албанците и Алтернатива нема да го поддржи ребалансот зашто со него, како што истакнаа, не се планираат инвестиции и развој на економијата, туку се врши класичен предизборен потпкуп.

Предложениот ребаланс, чии клучни сегменти се зголемување на капиталните инвестиции и продолжување на поддршката за стопанството, го образложи заменик министерот за финансии, Димитар Ковачески кој рече дека предлог-ребалансот заслужува конструктивна дискусија базирана на аргументи. Тој ги повика сите пратеници да го поддржат. Приоритет остануваат, нагласи Ковачески, здравјето на граѓаните, здравата економија и здравите финансии.

Со ребалансот, приходите се проектирани на ниво од 222,6 милијарди денари и се за 4,7 отсто повисоки во однос на иницијалниот Буџет за 2021 гоидна, а што, според предлагачот се должи на добрата реализација на приходите од почетокот на годината. Расходите се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или за 8,6 проценти повеќе во однос на иницијалниот Буџет.  Дефицитот е позициониран во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 отсто од БДП. Зголемување има и кај капиталните расходи за 6,5 милијарди днеари и се проектирани на ниво од 30,5 милијарди денари. Нивното учество во вкупните расходи на буџетот од иницијално планираните 9,4 проценти, се зголемува на 11,3 проценти што е повисоко ниво од просекот во последните десет години.