Последниот разговор меѓу американскиот претседател и неговиот авганистански колега пред талибанците да ја преземат контролата врз земјата покажа дека ниту Џо Бајден, ниту Ашраф Гани не биле свесни за непосредната опасност за Авганистан, иако Бајден му порача на Гани „да стави војник на чело на вооружените сили“.

Разговорот се одржал на 23 јули и траел 14 минути, а неговата содржина денеска ексклузивно ја објави „Ројтерс“, чии експерти ја потврдија автентичноста на снимката што ја добиле од анонимен извор.

Во повикот, Бајден и Гани, меѓу другото, разговарале за воената помош на САД за Авганистан, политичката стратегија и промена на перцепцијата на јавноста, а од транскриптот се заклучува дека тие не се целосно свесни за обемот на заканата од Талибанците, ниту пак биле подготвени за целата земја да падне во нивните раце за само неколку недели.

Само 23 дена по повикот, Гани ја напушти земјата, Талибанците го преземаа Авганистан, а САД започнаа со масовна евакуација на своите граѓани и сојузници, операција во која повеќе од 123.000 луѓе беа пренесени со авиони од земјата во наредните две недели.

Бајден на Гани му понудил помош, под услов сега поранешниот лидер на Авганистан да успее да ја убеди јавноста дека има план како да преземе контрола врз напнатата ситуација во земјата.

Ќе продолжиме да даваме воздушна поддршка за вашите сили, ако знаеме каков е планот, рече Бајден за Гани.

Неколку дена пред разговорите, САД обезбедија воздушна поддршка за авганистанските безбедносни сили, што Талибанците го сфатија како кршење на Договорот од Доха. Според „Ројтерс“, американскиот претседател го советувал Гани да обезбеди поддршка од моќни луѓе во Авганистан за неговата воена стратегија, а потоа да постави „војник“ на чело на армијата, мислејќи на министерот за одбрана, генерал Бизмилах Кан Мохамади, кој беше Началник на Генералштабот на Националната армија на Авганистан од 2002 до 2010 година, за потоа да се приклучи на движењето на Талибанците и да побара апсење на Гани под изговор дека ја предал својата татковина.

За време на разговорите, Бајден ја пофалил авганистанската војска, која беше обучена и финансирана од Американците и која, помалку од еден месец по разговорите, ги предаде сите поголеми градови на Талибанците, буквално без борба.

Очигледно имаш најдобра војска. Имате 300.000 добро вооружени војници, кои знаат да се борат, против максимум 80.000 бунтовници, му рекол Бајден на Гани.

Перцепција

За време на поголем дел од разговорот, Бајден се навраќал на проблемот со „перцепцијата“.

Не морам да ви кажам дека низ светот, но и во делови од Авганистан, преовладува впечаток дека работите не одат добро во борбата против Талибанците. Неопходно е да се создаде поинаква слика за ситуацијата без оглед дали е вистина или не. Тоа би ја сменило перцепцијата и многу би значело, му рекол Бајден на Гани и го советувал дека би било добро ако истакнати политички личности во Авганистан одржат заедничка прес-конференција и изразат поддршка на новата воена стратегија.

„Ројтерс“ наведува дека од содржината на разговорот може да се заклучи дека Бајден не очекувал целосен колапс на авганистанската армија и пад на државата во рацете на Талибанците, што се случи по само 23 дена.

Ќе продолжиме жестоко да се бориме, дипломатски, политички и економски, со цел вашата влада да преживее и да биде посилна и подобра, му порачал Бајден на Гани.

Од Белата куќа одбија да го коментираат разговорот, но објавија соопштение во кое беше нагласена поддршката на Бајден за авганистанските безбедносни сили, како и ветувањето дека ќе биде побарана дополнителна финансиска помош од Конгресот.

Што му рекол Гани на Бајден

Од друга страна, Гани во разговорот со Бајден изразил верба дека мирот може да се постигне само со „ребаланс на воената ситуација“ и додал – „мора брзо да реагираме“.

Се соочуваме со тотална талибанска инвазија, со целосна логистичка поддршка на Пакистан и најмалку 10.000 до 15.000 меѓународни терористи, рече Гани.

Авганистанската влада и американските експерти постојано го вперија прстот кон Пакистан како помошник и клучен фактор во заздравување и реорганизацијата на Талибанците, што пакистанската влада го негира како „мит“ и „изговор“ за Гани „да ја оправда сопствената неспособност како лидер “.

Во периодот на разговорот на Бајден и Гани, кој ја напушти својата земја кон средината на август и избега во Обединетите Арапски Емирати, САД веќе планираа да се повлечат од Авганистан. Бајден ја одложи евакуацијата за неколку месеци, бидејќи мај беше договорен како краен рок од неговиот претходен Доналд Трамп. Исто така, во тој период, Талибанците веќе контролираа речиси пола од провинциските центри, што беше прилично силен сигнал дека безбедносната состојба во земјата се влошува.

Владата во Кабул во тоа време и вети на јавноста промена во воената стратегија и тврдеше дека ги брани големите градови. Бајден, исто така, ја поддржа таа стратегија, тврдејќи дека тоа ќе ја промени перцепцијата за ситуацијата во Авганистан.

Јас не сум војник и затоа не ви кажувам точно каков треба да биде вашиот план, но тоа не само што ќе ви донесе поголема помош, туку и ќе го промени вашиот впечаток, рече Бајден и додал дека американската помош и поддршка ќе им помогнат „искрено да се мобилизираат“.

Дека оваа промена во стратегијата беше илузија, покажува развојот на настаните во наредните недели во кои Талибанците заземаа сè повеќе градови и провинции, честопати без да испукаат куршум. САД го сменија тонот. На 9 август, портпаролот на Пентагон, Џон Кирби, со лут тон рече дека одбраната на земјата, градовите и народите е одговорност на авганистанските безбедносни сили.

Тоа е нивна војска, тоа се нивните провинциски центри, тие се нивните луѓе што треба да се бранат, нагласи Кирби.

Два дена подоцна, американските разузнавачки служби соопштија дека Талибанците можат да го изолираат Кабул во рок од 30 дена и да го освојат за три месеци. Само четири дена подоцна, градот падна.

Карзаи

Разговорот меѓу двајцата претседатели укажа на уште еден клучен проблем на властите во Кабул, а тоа се постојаните внатрешно-политички борби и неединство на владата.

Кога Бајден побара од Гани да го вклучи поранешниот претседател Хамид Карзаи на прес-конференцијата, авганистанскиот лидер одби.

Карзаи не би бил од помош. Не можеме да донесеме секој човек, особено не оној кој во континуитет е против нашата влада. Се обидуваме со него со месеци. Последен пат кога го сретнав, разговаравме 110 минути. Ме пцуеше и ме обвини дека сум американски слуга, рече Гани, на што Бајден му рече дека ќе се воздржи од коментари.

Истиот ден, Гани разговарал и со советникот за национална безбедност на Бајден, Џејк Саливен, генералот Марк Мили и командантот на Централната команда на САД, Френк Мекензи. „Ројтерс“ наведува дека имаат и препис од тој разговор.

И во нив, фокусот бил повеќе на глобалната перцепција за ситуацијата во Авганистан, а помалку на развојот на воена стратегија.

„Има впечаток во Соединетите Држави, во Европа и во медиумите дека Талибанците се во пораст и се движат кон победа во Авганистан. Треба да го смениме тој наратив”, рече Мајли, додека Мекензи додаде дека „времето не е наш пријател“ и дека „треба брзо да реагираме“.