Дали од есен и кај нас ќе се воведат ограничувања за невакцинираните граѓани зависи од здравствените власти кои ја анализираат  епидемиолошката состојба, додека соседните земји, но и многу држави во Европа, веќе воведоа рестрикции за лицата што не се имунизирани против ковид-19. Еве веќе од задутре и во Црна Гора ќе има нови анти-ковид мерки, па само оние кои исполнуваат одредени услови – доказ за примена вакцина или прележана болест или негативен PCR тест, ќе можат да се забавуваат во ноќните клубови, дискотеки или внатре во рестораните. Слично е и во Грција, додека во Албанија во баровите и кафулињата дозволено е да се пушта музика до 23 часот, а маските се задолжителни во затворен простор. Во Романија од 1 август се ублажуваат анти-епидемиските мерки што се  однесуваат на присуство на концерти и театарски претстави, спортски, приватни и јавни собири, но и посети на барови, клубови и дискотеки.

Во Црна Гора од задутре дигитален COVID сертификат и нови мерки 

Црна Гора ќе добие Национален дигитален COVID сертификат, кој треба да се користи од петок, 30 јули, кога се очекува црногорската влада да објави корегирани мерки во борбата против коронавирусот, објави црногорското Министерство за здравство.

Најавено е дека само оние кои исполнуваат одредени услови ќе можат да престојуваат во ноќните клубови, дискотеки и во внатрешноста на угостителските објекти. И таму вработените во рестораните задолжително мора да носат заштитни маски, во спротивно следуваат ригорозни парични казни кои изнесуваат и по 2.500 евра!

Инаку во Црна Гора е прифатен ЕУ дигиталниот COVID сертификат, како и сите дигитални сертификати кои имаат QR-код.

Во исто време, постои решение за туристите кои имаат потврда за вакцинација без дигитален QR-код – тие можат да го потврдат својот сертификат во која било здравствена установа и тој ќе важи сè додека престојуваат во Црна Гора.

Доколку странците не се вакцинирани, тие ќе можат, како и црногорските граѓани, да направат PCR тест или БАТ на свој трошок, а  со тоа да добијат и црногорски сертификат што ќе биде потребно за влез во дискотеки, ноќни клубови и внатрешноста на кафулињата и рестораните.

Националниот дигитален COVID сертификат, направен според ЕУ дигиталниот сертификат, ќе ги содржи информациите дека лицето е целосно вакцинирано или ја примило првата доза на вакцина, датум на негативен PCR тест, прифатен е негативен тест за PCR, не постар од 72 часа, доказ дека лицето ја прележало инфекцијата со ковид-19, односно дека поминале помалку од 180 дена од позитивниот PCR тест и други податоци.

На Кастелоризо во Грција нема заразени – сите се вакцинирани!

Грчката Влада и покрај зголемениот број новозаболени од ковид-19, не планира да воведе строги ограничувачки мерки. Вчера таму нови 3.600 лица се заразиле со коронавирусот. а пред три дена во Атина над 1.500 демонстранти протестираа против новите мерки за ковид-19.

Властите соопштија дека се интензивираат полициските контроли во туристичките места. Тие веќе затвораат објекти кои имаат повеќе гости од дозволеното и не се во согласност со мерките.

Според локалните медиуми, ограничувачките мерки на островот Миконос не дадода резултати.

Уште од средината на јули ноќните клубови, дискотеките, бузуки и слично во Грција, без оглед дали се на отворено или затворено,  примаат исклучиво вакцинирани гости или лица кои прележале ковид-19. Овие нови  мерки што стапија во сила, првично важеа само за затворени простори, а од пред две недели има промени во однос на ноќните клубови каде важи и за отворените и за затворените делови.

Ова практично значи дека за забавување во ноќен клуб во Грција, дури и да е летен клубот, потребен е или сертификат за вакцинација или потврда за прележан ковид-19, а оваа мерка за грчкиот ноќен живот важи и за туристите.

За кафулињата и рестораните, мерката „само за вакцинирани гости“ се однесува само на внатрешните делови.

Локалните власти на островите бараат поголема контрола, но не и строг карантин. Според лекарите, изминатите денови делта сојот брзо се шири на островите и детските кампови.

И еден куриозитет за островот Кастелоризо – таму сите жители се вакцинирани и нема заразени од корона, па стана светски хит за туристите. Сите хотели таму се целосно резервирани и за септември!

Во Албанија поопуштено, а маски само во затворено

За влез и престој во Албанија на туристите од Македонија не им требаат никакви ПЦР-тестови, ниту ковид-сертификати, само патни исправи.

Епидемиолошката состојба во оваа земја е поповолна, баровите и кафулињата имаат право да пуштаат музика до 23 часот од минатата недела, наместо сегашните до 22 часот, полицискиот час е сè уште во сила од полноќ до 6 часот наутро, соопшти Техничкиот комитет на експерти кој решава за мерките поврзани со спречување на ширењето на вирусот.

Почнувајќи од 15 јуни, за најмногу до 50 лица е дозволено собирање надвор, а сè уште мора да се носи маска во затворен простор.

Романија ги олабавува мерките 

Националниот комитет за вонредни ситуации на Романија (ЦНСУ) донесе одлука за ублажување на анти-епидемиските мерки што ќе се применуваат од 1 август, а се однесуваат на присуство на концерти и театарски претстави, спортски и приватни собири, јавни собири, работилници и посети, барови, клубови, дискотеки и балски сали.

Според одлуката на ЦНСУ, културни, уметнички и забавни активности, како и приватни настани (свадби, крштевки, меморијални собири) можат да се одржуваат и на отворено и во затворено, но со строго ограничен број на учесници од кои се бара да носат заштитни маски, во зависност од 14-дневната кумулативна стапка на инфекција во секој одделен дел од земјата.

Покрај тоа, ќе биде задолжително да се покаже доказ за вакцинација или доказ за негативен резултат на PCR-тест, не постар од 72 часа, или заверен негативен резултат на брз антиген тест, не постар од 24 часа, или потврда дека лицето прележало ковид од 15 до 180 дена од настанот.

Во Франција од август и во воз со потврда за вакцина  

Во обид да се запре прогресијата на делта варијантата на вирусот, претседателот Емануел Макрон на 12 јули претстави серија мерки, што делумно почнаа да важат од средата. Иако потврдата за вакцинација веќе се бара во културните и забавните простории, мерката треба да се прошири на кафулињата, рестораните и возовите на почетокот на август.

Одредбата за новиот текст, којашто се разгледува во Сенатот, го отвора патот за отпуштање на работници во установи отворени за јавноста кои одбиваат да имаат здравствен пасош-односно целосна вакцинација. Предлог-законот, исто така, предвидува задолжителна вакцинација за негуватели, медицински персонал, пожарникари и професионалци кои работат со стари лица.

Над 160.000 лица пред три дена демонстрираа во Франција против новите здравствени мерки, од кои 11. 000 беа во Париз. Кај Елисејските полиња демонстрантите им извикуваа на полицајците : „Ова го правиме за вашите деца“, „Направете државен удар, момци!“.

Љубица Балабан