Македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот албански колега Еди Рама имаа свои обраќања на Панелот во рамки на првиот Скопски економски форум. Двајцата потоа излегоа со заедничка изјава за јавноста во која основа беше блокадата на Бугарија за добивање на датум за првата меѓувладина конференција на Македонија со Европската Унија (ЕУ), што практично значи и отворање на поглавјата и почеток на процесот за членство на земјава во ЕУ. Од тврдата позиција на официјална Софија е засегната и Албанија поради определбата на Брисел за неделивост на двете соседни земји на евроинтегративниот пат.

– Тука сме со мојот пријател, колега, другар, брат. Денес Европа има проблем. Големата, визионерска идеја за обединета Европа денес има проблем, а проблемот е самата Европска Унија. Брисел ни порача дека ЕУ не успева да најде начин да ја обезбеди заслужената интеграција на Западен Балкан. Е, тоа е проблем. Тоа што 26 земји членки на ЕУ не успеваат да спречат блокада на една земја членка, тоа е проблем на Европа предизвикан од самата ЕУ. Но, ние не сме сами и нема да бидеме сами, ниту изолирани. Нашиот народ, македонскиот народ и албанскиот народ пред себе имаат ист пат. Имаме иста визија, исти вредности – тоа се европските вредности, а не политиките на ѕидови и поделби, се вели во заедничката изјава на двајцата премиери.

И Заев и Рама испорачаа решителност за Македонија и Албанија да не запрат во заокружување на стратешката цел за двете земји, а тоа е членство во ЕУ. Притоа изразија уверување дека на македонскиот и албанскиот пат кон Брисел се и Србија, Црна Гора, Косово и БиХ.

– Ние сме Европа, без разлика дали ЕУ ќе успее да ги тргне блокадите или не. Нашите народи и влади, среде Балкан, демонстрираат европски манири. Забрзано ги отстрануваме пречките и границите меѓу нас, за граѓаните, услугите и стоките да се движат слободно. Имаме заеднички идеи, предизвици и култури со нашите братски народи од регионот. Имаме пораки и за нашите граѓани и за европските граѓани, и за домашните и за европските политичари. Алармот е вклучен, суштината и вредностите на Европската Унија се доведени во прашање. Европските вредности се заеднички за земјите од ЕУ, но и за земјите кандидатки за членство кои ги прифатија и ги развиваат. И еве, денеска тие вредности се афирмираат од Западен Балкан – инклузивност, мобилност, толеранција, правда, солидарност, порачаа Заев и Рама и најавија уште поголемо зближување на двата народа.

Премиерите на Македонија и на Албанија директно се обратија до, како што е наведено, „сите од Европската Унија кои овие вредности ги прифатија и ги промовираат како составен дел од европскиот начин на живот, дека никој и со ниту еден акт не смее да ги доведе во прашање човечкото достоинство, еднаквоста и солидарноста, владеењето на правото, човековите права“.

Заев се наврати и на минатонеделната посета на Софија каде заминал со делегацијата, како што вели, со отворено срце и подадена рака за решение и со подготвеност за исчекор во позитивна насока со Република Бугарија. Претходно во Софија беше и премиерот Рама.

– Иако направивме заеднички позитивен исчекор, за жал, и покрај јасните и недвосмислени пораки од целата меѓународна заедница дека сега е моментот да се најдат сили за пробив, бугарските колеги не успеаја да соберат доволно сила да одобрат почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ. Без разлика колку бевме свесни и воздржани во очекувањата, одлуката на ЕУ да не ја закаже првата меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија, сепак, е големо разочарување, но и огромен неуспех за политиката на ЕУ за проширувањето и лоша порака за целиот регион. Гласот на Бугарија да не ја одобри преговарачката рамка, наспроти едногласниот став на сите останати 26 земји членки, сметаме дека не е во духот на добрососедските односи, истакнаа Заев и Рама од Скопје.

Нашата позиција е јасна, нагласија македонскиот и албанскиот премиер, и додадоа оти сметаат „дека европските интеграции не смеат да бидат заложник на билатерални прашања. Преговорите со ЕУ не смеат да се претворат во преговори со Бугарија. Нашиот напредок во ЕУ интеграциите првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на ЕУ и постигнување на европските стандарди“

– Тоа е опасен преседан и тоа е став кој го делат сите останати земји членки на ЕУ. Македонскиот национален идентитет едноставно е невозможно да биде предмет на преговори. Европа останува единствена алтернатива и стратешка национална цел за Албанија и за Северна Македонија, за што вложуваме искрени напори. За нас европските вредности се светост, колку и самата ЕУ да не успева да ги одбрани. ЕУ нема ексклузивитет врз Европа. Затоа ние, преку „Акција 2021“ и преку „Европа дома“, сериозно ги имплементираме европските вредности дома и продолжуваме по реформскиот пат. И цврсто стоиме на ставот дека ЕУ ни должи испорака на ветеното. Нам ни треба забрзана европеизација, се вели во заедничката изјава.

Заев и Рама се обратија до европските лидери на кои им порачаа дека „мора сериозно да земат предвид дека бескрајните и повторувачки разочарувања неминовно ја отвораат вратата и ги охрабруваат евроскептиците“.

Двајцата премиери истакна дека Македонија и Албанија сѐ уште му даваат шанса на процесот и остануваат посветени на членството во ЕУ и целосна имплементација на европските вредности и стандарди.

– Имам уште една порака. Тие што добро ме знаат, знаат дека не се откажувам. А тие што не ме знаат, нека знаат дека не се откажувам. Ќе одам во Софија повторно, и повторно, и повторно и ќе барам решенија. И ние во таа цел ќе успееме. Северна Македонија е Европа. Албанија е Европа. Балканот е Европа. Благодарам, порачаа Заев и Рама од Скопје.