За само две недели видовме две лица на Балканот, еден Балкан беше пред нас од 24 август до 1 септември, а сосема друг по првиот ден од септември кога се собраа претставниците на иницијативата „Отворен Балкан“ во Белград и напоредно со работниот дел покрај работата продефилираа и низ Саемот на вино. Првиот Балкан беше на работ на употреба на сила, а на вториот веќе се креваа чаши за вино и се наздравуваше.

Така колегата од Танјуг Драган Бисениќ го опиша настанот во српската престолнина кој на едно место собра повеќе стотици бизнисмени, политичари, новинари, јавни и тајни политички посматрачи.

132 илјади километри квадратни и околу 12 милиони жители – отприлика покрива засега политичкиот проект Отворен Балкан, што само по себе отсликува и пристоен економски потенцијал.

Еден од основачите на Отворен Балкан, поранешниот премиер Зоран Заев во петокот на самитот во Белград, го доби и првото официјално признание од бизнис заедницата во Македонија за неговата улога во воспоставувањето на иницијативата. Тој во денешната изјава за НоваТВ сумирајќи ги впечатоците, вели дека она што го видел уште еднаш го увери во исправноста и вредноста на оваа иницијатива.

„Три држави, чии односи во минатото беа отежнати од конфликти, пулсираа во еден ритам и создадоа атракција за целиот регион. Таму видовме народ, бизнис и институции на едно место, растеретени од дневна политика, но посветени на соработка и развој. Таму го видовме модерното време – гастрономската култура, човечката интеракција во живо, неформална дипломатија и средба очи в очи меѓу бизнисот и креаторите на политиката за негово одржување и развој“, вели Заев.

Мило ми е, додава поранешниот претседател на Владата Заев, што денес Отворен Балкан е најподдржувана економска и политичка иницијатива во овој регион за која постои национален и наднационален консензус.

Српската премиерка Ана Брнабиќ, денеска, за време на посетата на северниот дел на Косово изјави дека иницијативата „Отворен Балкан“ е отворена и за привремените институции во Приштина.

„Мислам дека тоа е најдобриот начин да се оди кон нормализација. Квалитетот на животот на луѓето е најважен и кога сите заедно ќе овозможиме тој квалитет да биде подобар, да се отворат работни места, за младите луѓето да видат некаква перспектива, тогаш можеме да разговараме и за прашања за кои не се согласуваме или имаме сосема спротивни ставови“, рече Брнабиќ одговарајќи на прашањето дали Приштина е добредојдена во Отворен Балкан.

Денес веќе никој не може да негира дека Отворен Балкан е проект со кој регионот се враќа на европската мапа и праќа силна порака дека местото му е во ЕУ. Црна Гора, Турција, Босна и Херцеговина, Унгарија – со отворен интерес го набљудуваат Отворен Балкан. САД го поддржуваат и насочуваат. Тоновите што се слушнаа кон ЕУ на минатонеделниот самит во Белград веќе не се молежливи, туку настојчиви. „Брисел повеќе да не ја повтори грешката од пандемијата кога го остави Западен Балкан да се бори сам давајќи им ексклузивитет на граѓаните од ЕУ“, порача албанскиот премиер Еди Рама.

Осврнувајќи се ваквиот развој на Отворен Балкан, Заев во изјавата за нашиот портал оцени дека поддршката е голема бидејќи и резултатите се видливи.

„Поддршката е огромна бидејќи и резултатите се веќе видливи. За 16 проценти е зголемена трговската размена меѓу земјите членки на иницијативата, само меѓу Северна Македонија и Србија сообраќаат 7-8 илјади камиони што е неспоредливо повеќе од претходниот период, заедно ги надминувавме последиците од земјотресот во Албанија, заеднички ги гасневме минатата година пожарите во нашата земја. Заеднички ќе се грижиме за енергетското снабдување и за исхраната која стана прашање број еден во светот со војната во Украина. Со иницијативата го привлековме вниманието на поширокиот регион – освен Црна Гора и Босна и Херцеговина, интерес за Отворен Балкан покажуваат и Турција и Унгарија чии шефови на дипломатиите дојдоа на последниот самит во Белград, а интерес постои и кај Грција“, посочува поранешниот премиер и еден од основачите на Отворен Балкан.

Уверен сум, додава Заев, дека Отворен Балкан ќе ја има улогата на помирувач меѓу државите од нашето географско подрачје и неизмерно сум горд што сум еден од иницијаторите и креатори на оваа платформа за мир и развој.

Анализите говорат дека првите три цели на Отворен Балкан се исполнети: подобрена е соработката, трговијата и билатералните релации меѓу Македонија, Србија и Албанија. Србија излезе со анализа дека вкупната трговска размена на стоки со Северна Македонија и со Албанија во 2021 година, изнесува 1,3 милијарди евра.

Во интервјуто што премиерот Димитар Ковачевски го даде за српска „Политика“ потенцира   дека всушност зборуваме за имплементација на темелните вредности на ЕУ сега, додека трае процес на преговори за членство. „Придобивките од Отворен Балкан се веќе видливи, а верувам дека ќе биде така и понатаму. Се работи интензивно да се надминат административните пречки и мислам дека сме на добар пат сериозно да направиме единствен регион кој ќе им овозможи на своите граѓани побрз просперитет“, рече тој.

Досегашниот биланс на договори меѓу Македонија, Србија и Албанија, инаку, се договорот за непречено снабдување со основни прехранбени производи, потоа за  заштита од природни катастрофи, а формирани се и кризни групи за снабдување со храна и енергија при што трите држави ќе имаат приоритет во меѓусебната размена на храна.

Домаќинот на самиот во Белград, претседателот на Србија, Александар Вучиќ рече дека економската иднина на членовите на таа иницијатива зависи од успехот на Отворен Балкан, но и од тоа колку мирот и стабилноста ќе бидат зајакнати во регионот. „Никогаш немало повеќе внимание или енергија фокусирана на успехот на овој проект“, рече Вучиќ. Тој изјави дека по воспоставувањето на „зелениот коридор“ за побрза циркулација на прехранбените производи, растот на размената на стоки и услуги меѓу трите држави изнесува 17 проценти.

Една од позитивните специфики на Отворен Балкан е што тоа не е ексклузивна туку е инклузивна заедница. Авторот на оваа изјава, албанскиот премиер Еди Рама на самитот во Белград рече дека е важно Отворен Балкан да ги обедини не само земјите од регионот, туку и други земји како Грција, Турција, Унгарија и Италија и посочи дека лидерите на земјите членки испратија јасна порака дека прв избор им е мир. „Дојде денот кога се повеќе земји сакаат да бидат поканети на конференцијата на иницијативата Отворен Балкан, што е знак дека Балканот е исто толку важен за Европа колку што е Европа за Балканот“, рече Рама.

За крај и еден куриозитет: Меѓународниот саем за вино Wine Vision of the ‘Open Balkans’, под покровителство на владите на Северна Македонија, Србија и Албанија, собра повеќе од 400 изложувачи од 22 земји со огромен избор на автохтони вина, а меѓу нив и светскиот тениски шампион Новак Ѓоковиќ. Семејството Ѓоковиќ купило земјиште во Шумадија за производство на вино, а чичкото на Новак, Горан Ѓоковиќ е главен на тој бизнис. Пред неколку години Ѓоковиќи купија пет хектари земјиште во селото Липовац, кое се наоѓа меѓу Аранѓеловац и Топола на кое одгледуваат лозје  од сортите шардоне и шираз.

Првата „вежба“ на Отворен Балкан ќе биде укинувањето на граничните контроли од 1 јануари 2023. Со оглед на тензиите во светот, четирите месеци што преостануваат до тогаш се краток но истовремено и долг период, кој може да ги смени плановите. Но намерата останува, и доколку тоа се реализира, ќе биде суштинска новина безмалку од историски размери по распадот на некогашната југословенска федерација.

Соња Крамарска