Фармацевтската лабораторија на „АстраЗенека“ и Европската Унија (ЕУ) постигнаа договор за испорака на анти-ковид вакцини и го завршија судскиот спор што Унијата го започна минатата пролет поради доцнење на испораките, објавија денеска двете страни.

До крајот на првиот квартал од 2022 година, „АстраЗенека“ се обврза дека ќе испорача вкупно 200 милиони дози на вакцина и ќе ја исполни нарачката од договорот потпишан пред една година, кој предвидуваше испорака на 300 милиони дози. На 27-те членки на ЕУ, „АстраЗенека“ веќе испорача околу 100 милиони дози до 30 јуни оваа година, се посочува во соопштението од Еврокомисијата.

ЕК истакна дека испораките ќе бидат во согласност со договорот, кој беше постигнат лани во август.